Годишни извештаи

Активности во корист на заедницата

За Форум - Центарот за стратегиски истражувања и документација 2005 година беше исполнета со бројни активности. Нашиот центар се освежи со нови лица, млади стручњаци кои студирале во странство, но решиле да се вратат во Македонија откако согледале дека тука постои потенцијал за стимулирачки ангажман во Македонија. Започнавме и реализиравме неколку нови проекти и започнавме нови иницијативи. Но, пред сé стратешки се позициониравме, со цел да се осврнеме на најактуелните прашања кои ги засегаат македонското општество и држава: евро-атлантските интеграции, процесот на децентрализација, меѓуетничкиот дијалог, регионалната соработка. Во таа насока, целите и проектите на Форум - ЦСИД во голема мера кореспондираат со стратегиските интереси на Република Македонија.

Плановите на Форум - ЦСИД за 2006 година се да ги прошири своите истражувачки активности и да продолжи со тековните проекти. Активностите на нашиот Центар се организирани на три нивоа: медијација - истражување - анализа. Повеќето наши проекти ја вклучуваат аналитичката димензија.

Од своето формирање во 1997 година, Форум - ЦСИД успева да ја задржи својата независна позиција благодарение на неколку клучни фактори:

  • Успеа да ја сочува својата финансиска разновидност, преку обезбедување средства за своите проекти од различни донатори, речиси по правило странски, гарантирајќи на тој начин одредено ниво на независност и одржливост;
  • Критички однос кон секоја општествена појава во Република Македонија и во регионот, без разлика на актуелната владина структура. Оваа критичка позиција може да биде тешка за одржување, краткорочно гледано, но дава значителен кредибилитет на долги патеки;
  • Форум - ЦСИД секогаш инсистира да се наметне јасна политичка позиција, што е евидентно од неговите клучни активности, како што се интеграцијата на Македонија во ЕУ и во НАТО (“Викенд без вратоврски”, обуката за судии), децентрализацијата (првата иницијатива на граѓанското општество во областа на децентрализацијата, реформите во полицијата…), дебатите за Косово (обид во Македонија да се добијат информации за Косово од прва рака, како и да се приближат двете општества);
  • Заложба за континуиран меѓуетнички дијалог меѓу етничките заедници во Македонија. Повеќето наши проекти се испреплетени преку таа призма бидејќи веруваме дека македонскиот “модел на интеграција”, иако сé уште се развива и обликува, е највредниот политички производ на Македонија.

Во 2006 година и годините што следат се заложивме да продолжиме по истиот пат во корист на нашата заедницата, нашата земја и нашето општество.

Гордан Георгиев
Извршен директор на Форум - ЦСИД

Целосните годишни извештаи за 2006 година на македонски (PDF) и на англиски (PDF) јазик можете да ги најдете тука.